Петтемина Македонци кои беа уапсени во Грција поради поседување марихуана се пуштени на слобода.
Како што дознава Курир од блиски роднини на приведени, тројца од уапсените на денешното судско рочиште се ослободени, додека останатите двајца ќе бидат пуштени на слобода откако ќе ја платат одредената кауција.
Тројца од уапсените, меѓу кои и младиот актер од театарот "Комедија" од Скопје, се ослободени од судот поради тоа што кај нив не биле пронајдени никакви наркотични средства.
Останатите двајца кај кои грчката полиција пронајде 230 грама канабис на пристаништето во Волос се пуштени од притвор со кауција, но за нив ќе има дополнително судење.
Дрогата кај македонските државјани на возраст од 23 до 31 година, беше пронајдена во личниот багаж на двајца од приведените.
Информацијата за ослободувањето на Македонците за Курир ја потврдија и од Министерство за надворешни работи.